ПочетокФилмовиКомикс МК Non-Spoiler Рецензија – “Joker: Folie à Deux” директно од Cineplexx...
Комикс МК Non-Spoiler Рецензија – “Joker: Folie à Deux” директно од Cineplexx MK
Го гледавме “Joker: Folie à Deux” премиерно во Cineplexx MK и најверојатно ова е филм за кој различни луѓе, ќе имаат различни мислења, а како нас ни се допадна? Прочитајте подолу.
Пред неколку години кога беше соопштена новоста дека Warner Bros. изработуваат втор дел од ремек-дело филмот Joker (2019), си рековме знаете што, има потенцијал. Посебно нѐ заинтересира фактот што ќе биде мјузикл, токму нешто различно од првиот дел кое може да биде доста креативно и ќе одговара на ликовите на Joker и Harley, меѓутоа тој потенцијал беше само допрен, а не целосно искористен…
Дефинитивно вториот дел се чувствува како непотребно продолжение на првиот, влеговме со не толку големи очекувања, излеговме со малку измешано мислење. На филмот му фали оригиналност и тежина во приказната, нешто по кое првиот дел ќе остане запаметен, повторно се соочуваме со истите вредности, а не со нешто ново кое дополнително ќе го разграни ликот на Arthur Fleck, иако како нов и значаен елемент е внесен ликот на Lady Gaga, Lee Quinzel (во стриповите позната како Harley Quinn), сепак таа нема многу што да придонесе. Едноствано нејзиниот лик е малку бледо доловен, и да не беше таа во филмот, можеби ќе го добиевме истиот тек и завршеток на приказната. Би рекле дека можеле позначајно да ја искористат, и слободно можеле овој дел да го фокусираат на нејзиниот лик каде Arthur би бил спореден.
Joaquin Phoenix повторно покажува зошто ја доби Оскаровата награда за најдобар машки глумец во главна улога, тој е на врвно ниво и навистина уживавме во неговата изведба, ни се допадна што видовме и малку поразлични аспекти од Arthur и Joker, можеби нешто по кое би го паметеле вториот дел. Lady Gaga изглуми сосема пристојно, иако не би можеле да одвоиме една сцена со нејзиниот лик која би ја паметеле за разлика од првиот дел, каде секоја сцена со Joker ни остана во сеќавање.
Мјузикл сцените беа поделени на два типа, првиот тип беше замислени, кад имаше посебни филмски сетови, костуми, изведби и кореографии, а вториот беше пеење за време на сцената која се случува во реалниот свет. Првиот тип многу ни се допадна! Видовме едно различно светло на ликовите, беа добро опишани и сцените беа доста креативно изведени, се чувствуваме како да гледаме страници од стрип иако сме свесни дека филмот е неповрзан со стриповите, барем не во голема мера, повеќе како инспирација. Вториот тип беа во одредени моменти исфорсирани, дури можеше да се слушнат воздишки во кино салата, сериозни сцени беа прекинати со пеење кое не одговараше баш во сите моменти, но мора да потенцираме дека Lady Gaga беше фантастична со нејзиното пеење (и нејзините песни), како и секогаш.
Кинематографијата и режијата беа феноменални, уметнички доловени кадри, темпото и сцените си беа сосема добри, одредени сцени во комбинација со музичките композиции и извонредната глума беа навистина уживање. Во секоја таква поединечна сцена можевте да осетите тензија, жал, гнев и слично, емоциите беа видливо изразени и доловени на прав начин, но пак ќе кажеме, единственото нешто кое ни беше бледо и на моменти нејасно е приказната, искрено малку не ни е реално дека сме гледале втор дел од Joker, како само да сме го сонувале.
“Joker: Folie à Deux“ е далеку од лош филм, само споредбено со првиот дел, не е ни блиску, а го споредуваме бидејќи не е самостоен филм, туку е зависен. Оценките кои ги читаме на социјалните мрежи се помали токму поради оваа причина, бидејќи првиот филм постави можеби најголем стандард за како треба да изгледа еден комплетен филм, до најситен детал. Во вториот дел продукцијата е на врвно ниво, глумата исто така, но приказната се чувствува изгубена, малку контрадикторна на првиот дел. Пак ќе кажеме, можеби некои од Вас ќе го разберат поинаку филмот и ќе си толкуваат своја верзија, затоа би рекле дека “Joker: Folie à Deux“ дефинитивно вреди да се гледа.
6.5/10