ПочетокПоп КултураCOMICSMK Ексклузивно интервју со Силвија, вработена во компанијата од која leak-на Spider-Man:...
COMICSMK Ексклузивно интервју со Силвија, вработена во компанијата од која leak-на Spider-Man: No Way Home трејлерот!
Влегуваме во светот на визуелните ефекти, Силвија Митреска за нејзината атрактивна кариера која е директно поврзана со големите блокбастер филмови!
Токму од студио во кое работи се случи Leak-от на Spider-Man: No Way Home трејлерот кој беше сниман преку видео од телефон со недовршени визуелни ефекти.
Името на студиото од кое потекнува Leak-от беше напишано на снимките.
Во прилог имаме чест да разговараме со Силвија која преку нејзината напорна работа, огромно искуство и талент ни доловува како е да се работи во индустрија која постојано се движи кон нови иновативни правци!
-
Која си ти, твојата работна позиција и омилени активности во слободно време?
Јас сум Силвија Митреска – Сиа од Кичево, артист за визуелни ефекти во филмска постпродукција. Имам 33 години, и скоро 2 години работам и живеам во Монтреал (Квибек), Канада. Во слободно време уживам да цртам (digital art) и да фотографирам. Омилени активности ми се јога, медитации и пешачење во природа, како и постојано учење и надградување на technical and soft-skills.
-
Која е твојата актуелна работна позиција и што точно значи да се биде артист за визуелни ефекти во филмска постпродукција?
Актуелна позиција на која работам е Lead Paint and Roto artist во студиото на Framestore, што претставува еден прекрасен предизвик за мене. Моја задача е да го спроведам проектот (серија или филм) од самиот почеток до крајна достава на истиот. Одговорна сум за квалитетот на работата на мојот тим на артисти, организација и соодветна распределба на работата во координација со продукција, “бидување” кадри (проценка на времето потребно да се изработат), одржување на тренинг сесии како и целосна одговорност за справување со Outsource компании.
-
Како започна твојата приказна во филмската индустрија?
Мојата приказна со филмската индустрија започнува пред точно 9 години, кога бев во потрага по работа во која ќе уживам. Непосредно, дознав за студио во Скопје кое работи на светски познати филмови, а воедно и одржува обука – со можност за вработување. Уште како студент на Економскиот факултет на Катедрата за електронски бизнис, мојата пасија за работа на разни софтвери беше огромна, со задоволство ги работев сите индивидуални и групни вежби, а знаев и понекогаш да сработам по некој проект на моите колеги.
-
Како се стекна со соодветно искуство за визуелни ефекти?
Со почеток на обуката во Fx3x, студио за визуелни ефекти во Скопје, мојот живот се промени целосно. Без никакво претходно познавање за оваа индустрија или за програмите во кои се работи, бев дел од почетничка обука од тамошните ментори кои несебично го делеа своето време и знаење и ми помогнаа да го зграбам предизвикот, поставувајќи цврсти темели на мојата кариера. Лесно го прилагодлив мојот карактер, успеав да се вклопам во оваа брзорастечка (fast-moving) индустрија. Со исклучително добри резултати на обуката, започна мојата работна кариера како артист за визуелни ефекти на филмови.
-
Кога дискутираме за анимација, што точно значи техниката Rotoscoping?
Rotoscoping e entry-level позиција во индустријата за визуелни ефекти и техника која релативно лесно се совладува. Само еден мал дел од цела низа елементи потребни да се изработи финалниот кадар. Поконкретно, rotoscoping (или скратено Рото) претставува исцртување и анимирање на форми (splines) кои се користат за понатамошна обработка на кадрите. Како на пример, доколку задачата е да ја смениме позадината, потребно е да ги задржиме карактерите и дел од сетот. За да го постигнеме тоа, Рото помага да се селектираат (исечат) делови од кадарот.
-
Освен Рото, кои други техники и софтвери ги владееш?
По скоро 2 години работа во Рото, со одлична соработка и менторство на поискусните колеги, успеав да ги надоградам моите способности и да започнам со работа во Paint. Тука, работата станува поинтересна, но и поголем предизвик. Со користење на софтверот Nuke за digital compositing и визуелни ефекти, можностите за учење се неограничени, што претставува голема одговорност како најефективно да се стигне до посакуваниот резултат. Работата во овој сектор најчесто се базира на “чистење” на веќе снимен кадар. Може да станува збор за отстранување на дел од екипата која обично е зад камерите, непотребен објект фатен во кадар, понекогаш пеглање алишта, па и по некоја брчка на актер(к)ите. Или поедноставно кажано – Photoshop за видео.
Како што мојот талент почна да цвета, ја искористив шансата за уште една надоградба на моето знаење – Compositing Artist.
Тука се случува “најжешкото” и најинтересното. Односно, сѐ што е изработено од сите сектори сега се спојува во финален производ (output).
-
Кој е твојот прв проект како Compositing Artist?
Мојот прв проект како compositing artist беше: Star Trek – Discovery, а вториот – омилените цртани карактери (мои и на внук ми Тимоти) преточени во филмска приказна помеѓу 2д и 3д светот – Tom and Jerry.
-
На колку филмови имаш работено, кои од нив ги издвојуваш како драги?
Денес гордо можам да споделам дека имам учествувано во изработка на преку 40 филмови, меѓу кои се вбројуваат: The Tomorrow War, Venom, Black Panther, my personal favorite – Deadpool 2, Spider-Man Homecoming, Star Wars – The Last Jedi (2017) and The Rise of Skywalker (2019), Aquaman. Иако сите ми се еднакво драги, листата е долга за да ги набројам сите.
-
Каков беше патот до успехот, како би ни ја опишала работата во оваа брзорастечка индустрија?
Патот до тука не беше лесен, но мотивацијата за работа која ме исполнува и желбата за успешна кариера ми помогнаа да ги совладам тешките предизвици. Една од главните причини за мојот успех е поддршката на моите најблиски.
Работата во оваа индустрија бара многу трпение, спремност за брза реакција и добро око за детали. Интерперсоналните вештини се круцијални, исто како и комуникациски способности кои помагаат да бидам добар тимски играч. Како многу важни карактеристики се организациските вештини, односно како најпродуктивно да се управува со времето.
-
Кои се твоите понатамошни аспирации во оваа извонредна кариера?
Моите аспирации постојано растат. Со фокус кон целта, чекорам кон нивно остварување. Како следна цел е проширување на моето искуство како compositing артист, а мојата визија ќе ја оставам во тајност, во креација заедно со универзумот.