Денес е недела, 22 декември 2024
ПочетокПоп КултураCOMICSMK Ексклузивно интервју со Ана-Марија - Lady Dimitrescu на A1 Game Fest!

COMICSMK Ексклузивно интервју со Ана-Марија – Lady Dimitrescu на A1 Game Fest!

Овогодинешното изданије на Cosplay натпреварот (A1 Game Fest) ни ги преточи ликовите од Поп Културата во реалност!

Пред се, сакаме да им честитаме на сите победници и учесници кои преку својот труд изработија фантастични дела, достојни за натпревар!
Разговараме со Ана-Марија за нејзиното учество во улогата на Lady Dimitrescu од познатата франшиза на Capcom, Resident Evil Village.
Дополнително влегуваме во светот на Cosplay и целото искуство за изработување на еден ваков уникатен дизајн.
  1. Која е Ана-Марија?
Здраво, јас сум Ана-Марија и имам 24 години. За мојата личност можам да кажам дека сум пред се мајка, а потоа сопруга, гејмер, каратист и машински инженер. Во слободното време обожавам да цртам, да се смеам и да креирам модови за видеоигри.
2. Што претставува Cosplay за тебе?
Cosplay за мене е повеќе од само креација на костимот. Тоа е процес на внесување во карактер кој започнува од креирање на костимот до настапот на сцена. Навистина ми е многу драго што некој се сетил на вакво нешто па ова прерасна до размери каде луѓе буквално живеат од креации на костими на карактери, па дури и пишуваат книги за начинот на изработка на истите.
3. Зошто твојот избор е Lady Dimitrescu?
Изборот на костим на Lady Dimitrescu е заради тоа што карактерот уште пред да излезе играта беше многу популарен, а и поради тоа што сум голем фан и самата. Ми се допаѓа како е осмислен карактерот, се гледа дека навистина е потрошено доста време на детали како за нејзиниот живот така и за нејзината личност, иако има помалку screen time од она што очекувавме.
Фотограф: Ивамарија Јовановска.
4. Дали би можела да споделиш повеќе информации за изработката на твојот костум?
За изработка на фустанот на Lady Dimitrescu ми беше потребна една недела, заедно со нејзината муштикла и нокти. Фустанот е шиен на машина од сатенски материјал, исто како и ружите на левата страна од деколтето, додека ноктите се изработени од црн хамер, исто како и муштиклата со таа разлика што на крајниот дел е обоена со златен спреј за да се постигне ефектот.
5. Како си задоволна од организацијата и публиката на овогодинешниот A1 Game Fest?
Во однос на организацијата на А1, генерално сум задоволна, но нешто што би дала како коментар е следниот пат да направат подобри снимки од подобри агли и добро да ги склопат во една целина, комисијата за cosplay да се заинтересира малку повеќе за костимите на натпреварувачите, со тоа што ќе им бидат поставени повеќе прашања. На тој начин ќе се доведе и публиката до интерес а може и до мотивација за учество на следниот Game fest. Исто така ќе го додадам и фактот што им се обрнува малку внимание на победниците на избраните игри за натпревар и веднаш се преминува на giveaways. Што се однесува до локацијата на настанот пак, сметам дека беше одлична бидејќи East Gate Mall со неговиот дизајн и многубројни продавници е токму она што е потребно, во овој случај, за да се привлече публика. Минувачите гледаа со интерес, беа насмеани и пријатни и секој од нив не можеше а да не праша за слика со женската икона за 2021 година,  Lady Dimitrescu.
Фотограф: Татјана Ранташа
6. Како луѓето во Македонија ги прифаќаат овие настани, дали гледаш поголема заинтересираност од минатите години?
Општо земено, луѓето во Македонија не се запознаени многу со ова хоби, па секогаш е потребно да се даде извесно објаснување за тоа што претставува. А дури и по самото објаснување се чини како сеуште да не им е јасно до крај што всушност е целта на сето тоа. Но, како и да е, со овој гејминг настан што почна веќе да се организира секоја година од 2018 па наваму, на вакви големи места каде се движат многу луѓе од сите возрасти, сметам дека е одлична прилика да се доближи до нив ова хоби кое за многумина од нас претставува страст.
7. Кој/и други учесници од овогодинешното издание може да ги издвоиш како омилени?
Од овогодинешните учесници како фаворити можам да ги одвојам трите победнички кои земаа 1во, 2ро и 3то место, односно Сара Трајкоска како Marauder од DOOM, Ива Стојческа како Malthael од Diablo 3 и Бојана Стевковска како Jinx од League of Legends. Изработката на костимите им беше извонредна со толку многу потрошено време на детали и посветеност со што несомнено им донесе победа. Честитки до нив, па очекувам следната година да изненадат со уште пофеноменални креации!
May be an image of 9 people, people standing and indoor
Фотограф: Татјана Ранташа
8. Што би им порачала на читателите на Комикс МК?
Драги читатели, навистина ми е драго што постои оваа веб-страна кај нас во Македонија, предводена од наши луѓе. Овде имате можност да бидете во тек со сите новости од областа на филмската индустрија, гејминг индустријата и случки од животите на вашите ценети актери во едно. Дечките навистина вложуваат труд за да не информираат во секој момент што се случува во некој од наведениве светови што е за почит. Затоа, за оние кои веќе ја знаете оваа страна а и оние кои допрва слушаат за неа, она што сакам да го знаете е дека сте на правилното место.

 

Сакаме да посветиме посебна честитка за освоеното второ место до Ива Стојческа, која е дел од тимот на Comics MK, во улогата на Malthael од Diablo 3!
Ива Стојческа во улогата на Malthael од Diablo 3 Cosplay Фотограф: Александра Јанкова

 

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО