Во недела (20.03.2022) се одржа новото, обновено издание на Јапанорама, во знакот на Сакура, месецот кога цветаат црешите и се наговестува почетокот на пролетта.
Со задоволство бевме дел од еден модерен, уникатен и возбудлив настан за кој со нетрпение чекваме да Ви раскажеме! Сакаме да им се заблагодариме на организаторите за укажаната прилика.
Почетокот на овогодинешното издание се одржа во Котур Кафе и Филм а љубителите на јапонската култура, аниме и косплеј уживаа во позитивна атмосфера на кино-проекции, изложба и друштвени активности.
Огромната посетеност се должи на фактот дека на Скопје му фалат вакви настани, посветените дечки на Јапанорама повторно ја поттикнуваат Поп Културата во нашата земја! Едно големо благодарам до сите фанови кои дојдоа, наша должност, одговорност и чест е да продолжиме со промоција на ваквите случувања.
Опис и галерија:
Духот на аниме културата се долови преку проекција на првите три епизоди од Hyouka (2012) заедно со прикажувањето на филмот 5 Centimeters per Second (2007).
Феноменалниот косплеј-уметник во нашиот тим, Ива Стојческа заедно со талентираниот Петар Ташев, изложија неколку парчиња (оклопи и оружја) од нивната извонредна колекција која пробуди заинтересираност и желба за креативност кај посетителите.
Преку споделување на нивното долгогодишно искуство, тие се главна инспирација за новите генерации.
Дел од посетителите едноставно се препуштија на социјалните-крафт активности од кои може да научат многу, да се зближат и да споделат насмевка!
-
Цртање и боење на цртежи инспирирани од јапонската култура
-
Учење на Хирагана (Јапонски систем на пишување)
-
Редење сложувалка (Pusheen)
-
Читање Манга
Наидовме и на љубители кои дојдоа во косплеј, набавен директно од колекцијата во продажба на @animestore.mk
Како за крај, последниот расцутан цвет беше одбележан преку цртежот на јапонското дрво на кое дел од учесниците оставија свој (обоен) отпечаток од прст.
Во прилог следува ексклузивно интервју со Марјан Болтевски, еден од главните организатори на Јапанорама.
-
Кој е Марјан Болтевски?
Здраво, јас сум Марјан, долгогодишен работник во Академска Книга и водител на радио емисијата Поларис на Радио МОФ, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор. Во момент на разговоров полнам 38 години. Што се однесува до љубов кон јапонската култура, првата средба датира од рана возраст кога мојата генерација уживаше да седи секоја недела пред малите екрани, кога МТВ ги емитуваше легендарните Роботека и Коњаникот Сребрена Сабја и sвездените шерифи. Секако, на македонските ТВ станици во деведесеттите имаше своевиден бум и пораст на емитување на аниме серии и филмови.
2. Што претставува Јапанорама и за што всушност се залага вашиот тим?
Јапанорама е настан за промовирање на јапонската поп култура. Домашната публика, како и странската во последните 10-15 години се има запознаено со светскиот поп феномен на манга (јапонски стрип) и аниме (јапонски анимирани филмови) пред се благодарение на интернетот и лесната достапоност на истите. Секако, манга и аниме не се единствените аспекти на јапонската култура, но служат како портал за навлегување во многу делови кои се неизоставен дел на земјата на изгрејсонцето, од историја и традиција, до модерната архитектура на јапонските градови и модните трендови. Тимот задолжен за овие настани е составен од шест члена – Мартин (стрип креатор и ентузијаст), Стефани (косплеј координатор), Нате (промотерка на крафтинг од типот на оригами и хартиени фигури), Сузе и Давид Мукка (маркетинг промоција) и секако јас, и заедно се заложуваме за поголема промоција на Јапанорама, како и фокусирање на помали, но интересни проекти за создавање на една поактивна заедница во Македонија, од фанови за фанови, како различни проекти за косплеј, оригами и стрип уметност.
3. Како започна оваа приказна и на што се должи нејзиното успешно враќање?
Јапанорама како настан произлегува од јапа.нет.мк, група основана пред едно добри 15 години. Јас не бев дел од оригиналниот тим на основачи ( Марија, Би, Александра, Андреј), меѓутоа основачкиот тим имаше слична цел на делување преку различни активности, како македонски субтитлови за анимирани остварувања, фан превод на македонски јазик на скенирани манги, косплеј, кендо презентации итн. После подолг период на неактивност, со одобрување на Марија, го превзедов организирањето на настаните и активностите со помош на други членови на Фејсбук групата на јапа.нет.мк (Ристе, Дино и Марко), и со одредени промени Јапанорама повторно се врати кај македонската публика со избор на различни локации, како Фан Кафе, клуб МКЦ. Сепак имаше одреден период кога замреа активностите поврзани со Јапанорама поради различни фактори, како Ковид-19, меѓутоа се вративме во колосек со најновиот настан посветен во знакот на Сакура, денот на цутот на црешата што го означува почетокот на пролетта, овојпат со нова локација во Котур. Последниот настан се покажа како далеку успешен од очекуваното, домашната публика сака вакви настани, а покрај стандардните аниме проекции организиравме косплеј и крафтинг катче со помош на Ива Стојческа и Петар Ташев, ветерани на македонската косплеј сцена, додека за крафтинг делот беа задолжени Нате и Викторија. Викторија води свој профил на Инстаграм за продажба на аниме роба наречен animestoremk и топло препорачувам на сите заинтересирани да и ја посетат виртуелната продавница. Се на се, сите од мојот тим имаме убави впечатоци за повторното враќање на Јапанорама и го цениме позитивниот фидбек на посетителите.
4. Како луѓето во Македонија ги прифаќаат овие настани, дали гледаш поголема заинтересираност и зголемување на заедницата во споредба со минатите години?
Како што веќе спомнав, публиката сака вакви настани. Убаво е што минатата недела се видов како со добро познати лица, така и со нови кои првпат дошле на една Јапанорама. Ако порано популарноста на јапа.нет.мк и општо на Јапанорама се кревала пред се преку Фејсбук, во последно време поголема заслуга имаат Инстаграм и ТикТок и сметам дека едноставноста во пристапот на овие платформи ја дава неопходната свежина да привлекуваме нови фанови. Воедно секој настан служи за промоција на нашите идни активности, а тоа е создавање на интерактивна заедница кај фановите. Првите чекори веќе се направени во креирањето на сеопфатна косплеј работилница за која се задолжени Ива, Петар и Стефани, како и крафт работилницата на Нате и Викторија.
5. Кои се вашите понатамошни аспирации?
Гик конвенции? Звучи убаво и незамисливо, но Македонија има потенцијал за такви манифестации кои се празник за сите гикови, независно дали сакаат источна или западна поп култура. Иако за тоа може да се размислува во некое друго време. Засега работиме на помали, полесни проекти.
6. Што би им препорачал на читателите на Комикс МК?
Читајте стрипови, читајте книги, бидете креативни за работи во кои сакате да вложите енергија, кардио, телесни вежби и дигање тегови се добри за вашето здравје, и секако, се гледаме на следната забава.