Веројатно повеќето од нас се запознале со ликот и светот на Daredevil преку феноменалната серија на Netflix. Сите добри елементи на серијата потекнуваат токму од периодот кога Frank Miller ја презема улогата на сценарист на овој наслов и комплетно го редефинира ликот на Matt Murdock. Се оттргнува од шаблонот по кој што биле пишувани приказните за Daredevil дотогаш и создава една скроз нова митологија со нови ликови и креации како Elektra, Stick, The Hand, Kingpin како сериозен главен негативец (претходно бил дводимензионален лик кој што се појавувал во Spider-Man стрипови), Bullseye како Arch-enemy и со тоа го прави Daredevil еден од најдобрите стрипови на сите времиња.
Тонот на серијалот во поголем дел е сериозен но има и комични моменти кои доаѓаат од ликови како Turk и Grotto со што Frank Miller ја освежува приказната и помага истата да не стане монотона. Би го издвоил Daredevil #191 како најдобар број и би го препорачал да го прочита секој кој што сака да ја запознае суштината на Daredevil. Ова е една од најмрачните приказни за Daredevil некогаш напишани.
Конкретно во овој број нема акција каква што би се очекувала во ваков стрип, туку целата приказна е монолог од страна на Daredevil каде што тој самиот се запрашува кое е неговото место во светот и какво е неговото влијание врз другите. Сето ова се случува додека Daredevil и Bullseye, кој што лежи парализиран во болнички кревет играат руски рулет. Исто така би сакал да ги препорачам и The Man Without Fear и Born Again како најсветли точки од целиот овој серијал. Иако овие две приказни веќе делумно се адаптирани во серијата на Netflix, сепак сметам дека стриповите се многу подобри и вреди да се прочитаат. За крај би кажал дека ова можеби е и најдобриот стрип што Frank Miller некогаш го има напишано.
Сите главни и споредни ликови се напишани перфектно, илустрациите на Frank Miller, John Romita Jr. и David Mazzucchelli се фантастични од почеток до крај, приказните оставаат траен белег и влијанието што го имаат можеме да го забележиме и денес бидејќи секоја нова адаптација позајмува елементи од темелите што ги поставил Frank Miller.
Оцена 9/10
Рецензијата е напишана од Дејан Ичев – @_escaperope_.