Денес е недела, 22 декември 2024
ПочетокСтрипови20th Century Boys – Стрип рецензија од PARAGONS

20th Century Boys – Стрип рецензија од PARAGONS

I WONDER IF WE’RE THE ADULTS NOW THAT WE DREAMED OF BACK THEN… OR IF OUR CHILDHOOD SELVES WOULD LAUGH AT US IF THEY SAW US NOW.

„20th Century Boys” е манга серијал напишан и илустриран од легендарниот Naoki Urasawa, познат по серијалот Monster (Линк од нашата рецензија), како и Pluto, кој пред некое време доби одлична анимирана адаптација на Netflix. Интересен податок е тоа дека Naoki Urasawa ги работел трите горенаведени серијали истовремено, што уште во старт ни кажува многу за неговата посветеност и страст кон оваа уметничка форма. Но, да се вратиме на „20th Century Boys”. Приказната започнува доста невообичаено. Во фокус е главниот лик Kenji чиј живот драстично се менува кога открива дека мистериозен култ, предводен од човек познат само како „Friend“, е поврзан со серија чудни настани кои потекнуваат од книга која Kenji заедно со своите другари ја напишале како деца. Ваквата мистерија е проследена со длабока интроспекција во минатото на Kenji, каде детските спомени на таен клуб, пророчки симболи и апокалиптични игри повторно се појавуваат и откривајќи децениски заговор со глобални импликации.
„20th Century Boys” е одличен пример за како да се искористи една едноставна (и во некои аспекти наивна) идеја, и преку одлично сценарио да се продлабочи и разработи до тој степен што ќе ги фасцинира читателите. Urasawa креира наратив кој е обемен и длабоко личен, истражувајќи теми како пријателството, предавството, губењето на детската невиност и трајното влијание на детските соништа и кошмари, со истражување на идеалната слика за сопствената иднина што карактерите ја имале во детството, споредбено со реалната слика што ја имаат за себеси во сегашноста.

Ретко кој смислува и пишува подобри мистериозни негативци од Naoki Urasawa. Секој негативец во неговите стрипови ја доминира секоја сцена во која се појавува, оставајќи долгогодишни (да, долгогодишни) импресии кај читателите. Исклучок на ова не е ниту „Friend“, негативецот во „20th Century Boys”, чиј уникатен дизајн е препознатлив дури и кај оние што ја немаат читано оваа манга. Неговите мистериозни мотиви успешно го влечат читателот низ целиот наратив, примамувајќи го да сака да го прочита наредниот чаптер, и наредниот чаптер, и наредниот чаптер, и така сите 249 чаптери. Бидејќи станува збор за долга приказна (фанови на One Piece го читаат ова „долга приказна“ и се нервираат), од помош е и тоа што целиот состав на ликови има своја животна приказна и развојна патека која го комплементира главниот наратив со „Friend“.

Колку и лично да ја сакам оваа манга, таа си пати од некои објективни проблеми. Најголмиот од нив е тоа што размерот на самата приказна е премногу голем, а за жал не успева до крај да се справи со својата големина. Приказната е најпрво мистерија за игри од детството, па преоѓа во приказна за култ кој подоцна преоѓа во политичка партија, па тука се замешуваат и претседатели и богови, тука некаде има и time-skips, и преку некои пресврти кои за одредени читатели сигурно ќе бидат тешки за следење, приказната преидува малку и во sci-fi. Приказна која почнува како цврст бетонски столб на крајот изгледа како Jenga кула која е спремна да падне во било кој момент. За жал, кулата на крај навистина паѓа, преку многу антиклиматичен крај. Како реакција на ова, Urasawa е приморан да извади епилог на оваа манга (епилогот се вика „21st Century Boys“), но и овој втор крај повторно потфрлува и му остава на читателот чувство на незадоволство. Друг проблем кој го има оваа манга, како и останатите манги на Naoki Urasawa, е цртежот, кој не е лош (напротив, ретко кој црта фацијални експресии и говор на тело добро колку Urasawa), но не е ни ништо посебно. Мене не ми пречи, но лесно можам да видам како би влијаело на други читатели кои се позаинтересирани за визуелниот дел, особено земајќи во предвид колку јако цртаат останатите мангакас (манга креатори). Уметничкиот стил на Urasawa е ист во секоја негова приказна, па така ниту во оваа манга нема ништо револуционерно во тој поглед. Со тек на време тој станува нешто подобар споредбено со првите чаптери, и цртежот си ја врши работата – успешно ја доловува приказната, но не можam да се кажam нешто особено се истакнува.

И покрај моето долго задржување на недостатоците на „20th Century Boys”, што произлегува од моето незадоволство со крајот, for the most part, оваа манга е класика, глобално почитувана за својата амбиција и креативност на Urasawa. Не би рекол дека „20th Century Boys” е неговиот најдобар серијал, таа круна заслужено припаѓа на Monster (Линк од нашата рецензија), но сепак е серијал кој би го препорачал на секого, особено на фанови на манга и приказни исполнети со мистерија.

Оцена: 7/10

Рецензијата е напишана од Марко Кузмановски.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО